„Игравме против еден од најсилните тимови во ЛШ – се повторија некои грешки од минатото“

Еурофарм Пелистер загуби од унгарскиот гигант Веспрем со 30-23 во натпреварот од шестото коло во Лигата на шампионите.

Асистентот на Звонко Шундовски на клупата на битолчани, Алексо Лембанов, вели дека добрата транзиција на Веспрем им правеше најголеми проблеми.

„Игравме против една од екипите што е главен фаворит за титула во ЛШ. За сите нас беше чест да настапиме против таков ривал и да покажеме што знаеме. Времето беше кратко за подготвка, но она што може да се издвои е дека Веспрем имаше добра транзиција и тоа ни правеше проблеми, додека на поставена зона бевме сосема коректни. Повторно се повторија некои грешки од минатото, но како и да е утре не чека нов дуел од домашното првенство, ќе собереме сили за да се вратиме во победнички ритам“, изјави Лембанов.

Левото крило Петар Атанасијевиќ упати благодарност до навивачите, кои како и секогаш, така и сега ги поддржаа ракомтарите.

„Игравме со тим што е меѓу најсилните во Европа. Беше чест да се игра против Веспрем. Дадовме се од себе на овој дуел иако имавме само еден ден да се подготвиме. Би сакал да им се заблагодарам на ‘Чкембари’, кои како и секогаш не поддржаа“, изјави Атанасијевиќ.

Следен предизвик за Еурофарм Пелистер ќе биде дуелот со Радовиш од Супер лигата, додека во Лигата на шампионите следува гостување кај данската Фредериција на 30 октомври.

Веспрем ги однесе бодовите од Битола