Амбициозниот тим на Охрид го чека првиот натпревар од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп против романската Потаиса Турда.
Се работи за незгоден ривал, кој според голманот Градимир Чаневски е меѓу фаворитите за трофеј во ова натпреварување.
Сепак тој смета дека и Охрид поседува свој квалитет.
„Не чека натпревар можеби со еден од фаворитите за освојување на овој Куп. Тие имаат одлична екипа, составена со многу репрезентативци на Романија, Грузија и други земји. Ние имаме квалитет да се спротиставиме, да одиграме добар натпревар и сакаме да приредиме вистински празник за Охрид, да ужива публиката, а ние да го направиме тоа уживање уште поголемо“, изјави Чаневски.
Левиот бек Рудолф Сафранко посакува што повисока победа пред реваншот.
„Треба да го оставиме поразот од Еурофарм Пелистер зад нас. Ни следи најважниот натпревар во Европа кој е награда за добриот пласман во лигата инатата сезона. Турда е добра екипа, но се надевам дека ќе се покажеме во најдобро светло и на реваншот во Романија ќе отпатуваме со што поголема победа“, вели Сафранко.
Натпреварот меѓу Охрид и Потаиса Турда се игра в сабота во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 19:00 часот.