Ракометарките на Скопје во натпревар од 6. коло од Женската лига славеа на гостувањето во Штип кај Астибо со 32:31 (17:16).
Иако избраничките на Дејан Величков имаа напад за реми, сепак, одбраната на Скопје не дозволи искусната Анчева да дојде до реализација.
Во најголемиот дел од натпреварот се играше гол за гол, потоа гостинките во последниот дел дојдоа до плус четири, 31:27, но домашниот тим не се откажуваше и до последните секунди беше во игра за бод.
Скопје беше повеќе пофокусиран во клучните моменти, односно во последната минута и успеа да се израдува на трет сезонски триумф.
Најефикасни во победничката екипа беа Наталија Максимовска и Марија Стојановска, двете ракометарки постигнаа по седум погодоци.
Во домашниот табор, стандардно, листата на стрелци беше предводена од Марија Анчева, која запиша 16 гола.
Амбициозниот тим на Металург Автокоманда на гостувањето во Куманово кај истоимената екипа дојде до победа од 24:20 (11:9).
Тимот на Автокоманда победата ја оствари со одличната игра во вториот дел, откако домашниот тим пружи солиден отпор во првиот дел.