Ракометарите на Вардар на гостувањето во Прилеп кај истоимената екипа триумфираа со 37:27 во натпревар од 7. коло од суперлигашкото друштво. За Вардар денешниот натпревар беше последна проверка пред заминувањето во Германија. Вардарци на 15 октомври во 2. коло од Лигата на Европа ќе се соочат со Мелсунген и ќе се обидат да дојдат до нова победа во второто по ранг европско клупско натпреварување.
Освен нерешените 2:2, сѐ останато мина во знакот на „црвено-црните“ кои во првиот дел постигнаа 19, а примија 12 гола. Прилеп пред својата публика се обиде да се покаже во добро светло и до 15 минута заостануваше на негатива од три гола, а потоа избраниците на Владо Недановски постепено го зголемуваа водството. На моменти во првиот дел младите надежи на Прилеп, голманот Михаил Ангелески и левото крило Давид Трајкоски ја ,,разбудуваа” домашната публика.
По десет минути игра во второто полувреме, предноста на гостите од Скопје беше 25:17, домашниот тим се обидуваше да ја преполови негативата, но грешките во нападот си го направија своето, па така тимот на Недановски стигна и до двоцифрена предност од 31:21 во 50 минута. До крајот на натпреварот, тренерот на Прилеп шанса им даде на останатите ракометари – Адамчески, Бурчески, Крстески… кои ја оправдаа довербата и возвраќаа со голови. На пет минути пред крајот повреда заработи членот на Вардар, Ален Ќосевски и во следниот периот би требало да се знае дали станува збор за сериозна повреда. Вардар рутински го одработи последниот дел и се израдува на 6-ти сезонски триумф.
Најефикасен во редовите на победничката екипа беше Стефан Петриќ со седум погодоци, додека кај домашниот тим се истакна искусниот Никола Јеремиќ, постигна исто седум погодоци, а го следеа Давид Трајкоски и Александар Тренчевски со по три.