Пролет парираше 50 минути, бодовите останаа за Вардар

Ракометарите на Вардар во натпревар од 6. коло од Супер лигата на свој терен беа подобри од Пролет со 28:25 (16:15).

За Вардар денешниот натпревар со тимот на Александар Јовиќ беше вистинска проверка пред европскиот натпревар со Валур.

Според очекувањата, гостинот беше незгоден ривал, парираше во двете полувремина, а во првиот дел во неколку наврати водеше и имаше одлична игра против „црвено-црните“.

Речиси во поголемиот дел од натпреварот Вардар водеше со 1-2 гола разлика, во првото полувреме имаше и плус четири, но тие не беа никаква гаранција за лесни бодови.

Гостите во 40 минута дојдоа до израмнување, 19:19, покажувајќи дека ќе гризат до самиот крај. Избраниците на Владо Недановски во 50 минута поведоа со 24:21 и во последните десет минути ја зголемија предноста за конечни

Домашниот тим во победата беше предводен од Милан Лазаревски и Марко Срдановиќ, двајцата зад своето име запишаа по седум погодоци, по четири запишаа Матија Николиќ и Ален Ќосевски.

Одлична партија во Пролет имаа младинските репрезентативци – Андреј Стојановски и Томислав Димковски. Стојановски постигна пет погодоци, два додаде Димковски, додека Давор Палевски со шест погодоци беше прво име во поразениот табор.

Вардар во вторник пред својата публика ќе го пречека Валур во натпревар од првото коло од Лигата на Европа, додека следен предизвик за Пролет ќе биде тимот на Куманово.