Женската репрезентација на Македонија одигра два пријателски натпревари со еден од домаќините на ЕП 2024, Австрија, и на два пати беше поразена во Брегенц.
На првиот меч, Македонија беше долго време конкурентна и во финишот домаќинките го скршија нашиот отпор, 31-25, а во вториот двобој, избраничките на Кристијан Грчевски загубија со 34-21.
Селекторот ги анализираше двете средби и учинокот на репрезентативките.
„На првиот натпревар покажавме карактер и пробавме варијанти што треба веќе да ни бидат еден систем на кој треба да се придружуваме и да го развиваме. Австрија сепак е репрезентација која вложува многу, има натурализирани играчи и тоа е знак дека сакаат да одат во нагорна линија. Ние сме се уште многу позади европските репрезентации скоро во секој поглед. Имаме ракометарки кои сакаат и го заслужуваат дресот на Македонија, но има и ракометарки кои повикот за репрезентација се уште го сфаќаат како индивидуално докажување и како време за одмор од клубовите. После првиот натпревар имаме многу појасна слика за поголемиот дел од ракометарките и веќе знаеме која може да одговори на предизвикот ЕП, а која не може да се снајде или да придонесе за репрезентативниот дрес. Ова е колективен спорт и никогаш не може некој играч да биде среќен ако постигнал десет гола, а репрезентацијата загубила, или да биде несреќен ако не постигнал гол, а неговата репрезентација победила. После овој собир ќе има доста измени во ростерот. На вториот натпревар шанса добија сите ракометарки кои беа од младинската репрезентација на СП во Скопје. Не можам да се пожалам, сепак дадоа максимум, но мора се уште да вложуваат во себе и да бараат од самите себе дека можат уште многу повеќе. Секој играч треба да биде подготвен технички, тактички и физички кога ќе дојде време за националниот тим. Кај нас имаме проблем што голем дел од играчите се навистина неспремни и треба да го трошиме и она малку време што сме заедно на некои работи што не се за репрезентативно ниво. Нема веќе време за експерименти и ќе играат оние што навистина ќе ги исполнат задачите што им се зададени, оние кои сакаат да играат и да живеат за ракомет. Сепак ова е репрезентација, тоа е нешто што сите сакаат да го искусат“, вели Грчевски.
Следен предизвик за женската репрезентација ќе биде настапот на „Трофеј Карпати“, каде ќе играат шест селекции, а Македонија ќе тестира против Романија, Швајцарија и Словачка.