Петковска: Треба да ја искористиме секоја шанса и да ги спроведеме задачите од селекторот

Женската сениорска репрезентација на Македонија вчера го имаше првиот собир во рамките на ЕХФ неделата во која ќе бидат одиграни две средби со еден од домаќините на ЕП, Австрија.

Контролните натпревари со Австрија ќе бидат проверка на силите со кои располагаат „црвено-жолтите“ за настапот на Европското првенство 2024, кое освен во Австрија, ќе се одржи и во Унгарија и Швајцарија.

„Пријателските натпревари се и тоа како добредојдени во подготовките за Европското првенство и тие ќе ни бидат добар показател на формата во која се наоѓаме. На овие натпревари многу е важно ние како ќе одиграме и секој што ќе добие шанса треба максимално да ја искористи и да ги спроведе задачите дадени од селекторот. Треба сериозно да работиме на нашата форма, затоа што ова е одлична шанса да видиме до каде сме и што треба да подобриме во пресрет на првенството.“

Првата средба ќе се игра в сабота од 17:00 часот, додека вториот дуел меѓу Македонија и Австрија е на програмата в недела на 29 септември од 14:45 часот.

Македонија во рамките на ЕХФ неделата во октомври, ќе биде дел од „Трофеј Карпати“ во Романија од 25 до 27 октомври.