Драчево тргна победнички, славеше во Ресен

Ракометарите на Драчево имаа победнички старт во Првата лига, откако на гостувањето во Ресен кај Преспа славеа со 37:30.

Гостите победата ја обезбедија уште во првото полувреме, кое го добија со 23:14, а во вторите 30 минути немаше поголема промена на теренот.

Најефикасен во победничката екипа беше искусниот Ѓорѓи Дука со десет погодоци, седум додаде Илија Димов, а шест запиша Лазар Стојанов. Кај домаќините прво име беше Иван Костовски со 11 реализации.

Драчево во второто коло од прволигашката конкуренција за ривал го има тимот на Шампион, кој исто така имаше победнички старт. Преспа Вардар за следен ривал го има Текстилец.

Предводен од Александар Стојков и Христијан Ѓурмешевиќ, довчерашниот суперлигаш Мулти Есенс на гостувањето во Гостивар кај Јехона беше убедлив со 33:22. Иако избраниците на Фари Селмани заостануваа на минус два на полувреме, 14:12, ракометарите од Автокоманда одлично го одработија вториот дел, во кој дозволија домаќините да постигнат само десет погодоци.

Стојков со десет и Ѓурмешевиќ со осум погодоци беа најефикасни во победничкиот тим. Во поразениот табор се истакна Бојан Давидовски со пет погодоци, по честири постигнаа Мојсие Тасески и Новица Михајловски.