Ракометарите на Овче Поле победнички ја отворија новата сезона во прволигашката конкуренција откако славеа на гостински терен кај Аеродром со 27-26 со пресврт во последните моменти.
Гостите од Свети Николе водеа со 11-8 во првиот дел, но следуваше една „црна дупка“ во нивниот напад и Аеродром тоа го искористи. Домаќините успеаја да погодат седум пати во серија и комплетно да ја преземат контролата на теренот, 15-11.
Сепак да не биде се така лошо за Овче Поле во финишот се погрижија Минов и Ристов со два гола по ред во последната минута пред паузата за 15-13. Во еден момент во првото полувреме Овче Поле играше со тројца на терен, откако беа исклучени Тодосовски и Димитријев, а неколку секунди подоцна и Сентовски доби црвен картон по еден опасен старт.
Во вториот дел најчесто се играше гол за гол, израмнето, а во последните пет минути се влезе со реми, 25-25. Ѓуриќ го постигна погодокот за водство за Аеродром, 26-25, кога имаше да се играат уште три минути, но потоа домаќините застанаа. Овче Поле израмни преку Ристов.
Двете екипи во продолжение не реализираа по еден напад, па Аеродром требаше да има уште дваесетина секунди за победнички гол. Но наместо тоа, дозволија топката да ја украде Тодосовски, кој успеа да реализира за два бода, а тоа беше прв негов гол на мечот со кој донесе победа за Овче Поле.
Немаше време за Аеродром за нов гол и мечот заврши со 27-26 за гостите од Свети Николе. Најдобри стрелци кај победникот беа Стаменков и Ристов со по седум гола, а исто толку даде Зафировски за Аеродром.
Тимот на Шампион предводен од Илија Пејковски, кој постигна 12 погодоци, успеа да слави стартна победа во новата сезона против Партизан Гевгелија со 30-28. Гостите од најјужниот град оддржува рамнотежа, во повеќе наврати и имаа предност, но попуштија во последните петнаесетина минути, кога домашниот тим успеа да направи залиха од четири гола што умешно ја одржа до крајот. Во составот на Партизан се истакна Горан Лисичков со десет гола.