Амбициозниот тим на Охрид на гостувањето кај Прилеп ја оправда фаворитската улога триумфирајќи со 30:26 и сега охриѓани имаат „три од три“.
За Охрид овие три стартни победи се многу важни, бидејќи тимот на Стевче Алушовски е еден од кандидатите за ТОП 6, па така неопходни се освојување гостински бодови, посебно на незгодни гостувања како денес.
Одлично издание на денешниот натпревар имаше десното крило, Гал Цирар, кој погодуваше кога беше најпотребно и со осум погодоци го водеше својот тим до важна победа.
,,Би им честитал на домаќините за корекниот натпревар, се бореа, но треба да признаеме дека ние имаме подолга и поискусна клупа. Домаќинот се бореше од првата до последната минута, најбитно е тоа што успеавме да ги освоиме двата бода. Клучно за победата би рекол беше серијата од 4:0 во првиот дел, тука одигравме добро во одбраната, голманот ни помогна и остварената разлика ја одржувавме практично до последната секунда, имавме и плус 6-7, така што имавме контрола на теренот”, изјави Цирар.
Словенечкиот интернационалец смета дека Охрид минимално може да го повтори ланскиот успех, но и да направи нешто повеќе.
,,Сметаме дека минималнo можеме да го повториме успехот од минатата сезона, денес секој може да го победи секого, се засиливме за оваа сезона доста, сигурно ќе се обидеме да завршиме што повисоко на табелата, но ни претстојат многу натпревари, првенството е долго”, заврши Цирар.
Охрид во следното коло на свој терен ќе го пречека Тиквеш, додека Прилеп ќе гостува во Автокоманда кај тимот на Кире Лазаров.