Струга слави прв триумф – Пролет надигран покрај езерото

По поразите од Бисинов и Еурофарм Пелистер, ракометарите на Струга ја запишаа првата победа во новата сезона од суперлигашкото друштво, откако го совладаа Пролет со 34-29.

Одлична партија во струшкиот тим имаше левиот бек Богдан Мијушковиќ кој постигна дури 13 погодоци и беше предводник на стружани кои во најголем дел од мечот комплетно го надиграа противникот, кој по двете реми средби на стартот од сезоната ќе почека за првата сезонска победа.

Домашните отворија со водство од 5-3, но потоа Пролет со три гола во серија на десниот бек Бакар успеа да направи пресврт и да води со 7-5. Ја одржуваа гостите разликата десетина минути кога имаа и 9-7, но тогаш следуваше огромен пад во нивната игра.

Дозволија да примат дури седум гола, а постигнаа само два и избраниците на Наум Танески обезбедија плус три, 14-11. До паузата имаше уште еден гол на двете страни. Иако можеби гостите се надеваа на резултатски камбек на стартот на вториот дел, сепак тоа не се случи.

Немаше многу идеја во нивниот напад, мотивираните домаќини знаеја како да ги казнат грешките на Пролет и во еден момент предноста отиде на десет гола, 29-19. Следуваше мало опуштање кај стружани, тоа го искористија ракометарите на Пролет и на пет минути до крајот ја преполовија предноста, 29-24.

Сепак немаше време за комплетен камбек во натпреварот, а кога Мијушковиќ стрелаше за 30-24, им олесна на домашните кои полека почнаа да се радуваат на првите суперлигашки бодови.

Покрај црногорскиот интернационалец, во тимот на Струга се истакнаа Пајкоски со шест, како и Костоски и Џигероски со по пет погодоци, додека во редовите на Пролет шест гола имаше Бакар.