Еурофарм Пелистер со втор пораз, Фуксе Берлин ги однесе бодовите од Битола

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер во рамки од 2. коло од Лигата на шампионите загуби на свој терен од Фуксе Берлин со 30:22. За пелистерци ова беше втор пораз во најквалитетното европско натпреварување, додека за Фуксе Берлин првата победа во ЛШ. Три гола против германскиот вицепрвак постигна Самоил Ристевски, 17-годишниот кружен напаѓач вечерва го покажа својот раскошен талент и докажа дека може да биде втора варијанта на линијата, по Жарко Пешевски.

Натпреварот во спортската сала „Боро Чурлевски“ го отвори искусниот член на Фуксе Берлин, Тобијас Рајхман. Пелистерци добро се држеа првиот дел, беше 3:3 во 5 минута, а бундеслигашот со серија од 2:0 успеа да се одлепи на 5:3. Од тој момент, па до 17 минута гостите водеа со еден до два гола разлика.

На периоди, ракометарите на Фуксе Берлин имаа и плус три, но домаќините до 17 минута не дозволуваа гостите да имаат поголема предност и секогаш доаѓаа до пристојни минус два. Фуксе Берлин заигра поангажирао во последните десет минути и во периодот од 17 до 30 минути прими само еден гол во својата мрежа.

Пелистерци во желбата да дојдат до помала негатива, се повеќе правеа грешки, додека гостите лесно казнуваа и за десетина минути стекнаа солидна залиха. Во 25 минута од натпреварот во игра влезе еден од најголемите таленти на ракометната сцена во Македонија, кружниот напаѓач Самоил Ристевски, кој ги одигра првите минути во елитното натпреварување. Фуксе Берлин рутински го одигра завршниот дел од првото полувреме и на пауза замина со плус шест 15:9.

По пет минути игра во вториот дел  Фуксе Берлин имаше предност од 18:10 и веќе тука беше јасно дека избраниците на Ангеловски ќе имаат тежок предизвик да дојдат до камбек. По предноста на „лисиците“ од 22:13, младиот Ристевски погоди двапати по ред за минус седум, 22:15, а поискусниот состав во последните петнаесетина минути на чело со голманот Милосављев одржуваше солидна позитива.

Најефикасен во составот на домаќините беше Богдан Радивојевиќ со пет погодоци, четири додаде Кузмановски. Кај Фуксе Берлин прво име беше Ласе Андерсон со седум реализации.

Еурофарм Пелистер во 3. коло од Лигата на шампионите ќе гостува во Романија кај тамошниот шампион Динамо Букурешт.