Драчево се засили со поранешен кадетски репрезентативец на Македонија

Тимот на Драчево пред стартот на новата сезона во прволигашкото друштво доби уште едно ново име.

Четврто засилување за составот на Велимир Настески е Кристијан Ташевски, кој настапува на пивотменската позиција.

Ташевски, кој е поранешен македонски репрезентативец во младинските категории, има меѓународно искуство во белгискиот Атомикс, а во Македонија настапуваше за Работнички, Металург РА и Аеродром.

Претходно Драчево се засили со десното крило Виктор Ангелевски, голманот Никола Стојкоски и кружниот напаѓач Стефан Лазаревски.

Драчево во новата сезона ќе биде дел од групата Б и ќе игра против Вардар Неготино, Скопје, Младост Богданци, Македонија Ѓорче Петров, Шампион, Партизан Гевгелија, Текстилец и Преспа Вардар.

Стартот на прволигашката конкуренција е планиран за претстојниот викенд, а Драчево ќе се сретне со Преспа Вардар во Ресен.