Романскиот шампион Динамо Букурешт со победа над данската Фредериција со 37-28, го означи камбекот во Лигата на шампионите, додека ПИК Сегед на дебито на новиот тренер Микаел Апелгрен, го совлада Магдебург со 31-29.
Данскиот тим предводен од екс пелистерците, Себастијан Хенеберг и Реине Табоада, имаше контрола во првите дваесетина минути, водеше и со три гола разлика, но момците на Давид Дејвис се разиграа пред паузата и успеаја да го свртат комплетно натпреварот во своја корист.
На паузата имаа плус четири, 18-14, а во вториот дел комплетно го надиграа противникот, одлично бранеше и Цупара, па за Фредериција немаше никаква шанса за камбек.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Трастарсон со шест гола, како и Кудуз, Лангаро, Кашпарек и Рошта со по пет, додека Цупара имаше 13 одбрани. Во данскиот тим осум гола даде Хенеберг.
Унгарскиот вицепрвак најчесто беше во негатива во првиот дел, Магдебург водеше и на стартот на второто полувреме со 20-19, но потоа имаше една „црна дупка“ во играта на германскиот тим. Сите грешки беа казнети од ПИК Сегед, Кукиќ и Мачковшек погодуваа во серија и унгарскиот тим поведе со 26-20.
Германците го прекинаа десетминутниот пост преку Зендер, намалија во продолжение и на минус три, но немаше време за нешто повеќе на овој натпревар. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Шоштариќ со шест гола и Фримел со пет, додека ветеранот Миклер блескаше меѓу стативите со 16 одбрани. Во составот на Магдебург, по пет пати стрелаа Магнусос и Вебер.