Ракометарите на Вардар оваа сезона ќе бидат дел од групната фаза во Лигата на Европа и ќе играат против германскиот Мелсунген, португалскиот Порто и исландскиот Валур.
Распоредот е веќе познат, вардарци ќе ги играат своите домашни средби во СЦ „Јане Сандански“, но со оглед на тоа што сега се „кираџии“ во оваа сала, сопственикот, односно концесионерот ја користи и за други намени, во случајов и за музички концерти.
Вардар стартува на 8 октомври против Валур, потоа на 22 октомври игра против Порто, можеби еден од клучните натпревари за пласман во главната рунда, додека на крајот на 26 ноември ќе се соочи со германскиот Мелсунген.
Концертот на српската пејачка Јелена Карлеуша е закажан за 19 октомври во СЦ „Јане Сандански“, додека уште една српска турбо-фолк пејачка, Александра Пријовиќ, ќе одржи концерт на истото место на 22 ноември.
Ова значи дека пред важните средби против Порто и Мелсунген, вардарци ќе мора да тренираат или во малата сала во СЦ „Јане Сандански“ или во друга сала, а вакви моменти се случуваа често последниве неколку сезони поради други спортски или музички настани, тие да бидат „жртва“ и да тренираат на друго место.