Откако пред две години го прослави „златниот јубилеј“, познатиот ракометен турнир во Струга ја продолжува традицијата на најстарата спортска манифестација во Македонија. Годинава од 14 до 17 август по 52. пат отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ во Струга повторно ќе биде местото каде ќе се темпира формата за новата сезона, но и ќе се борат екипите за престижниот трофеј.
Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер по една година пауза се враќа на традиционалниот турнир во Струга.
Вардар е најтрофеен со 14 освоени титули на отвореното игралиште покрај „Женската плажа“, а втори на листата се пелистерци, кои досега се радувале 13 пати.
Тренерот на македонскиот првак, Бранко Ангеловски ги сподели очекувањата од настапот на Струшкиот турнир.
„Ќе настапиме со сите играчи кои оваа сезона ќе го носат дресот на Еурофарм Пелистер, се надевам дека сите ќе ми бидат на располагање, освен Цехте кој ќе дојде по настапот на Олимписките игри. 35 години го следам овој извонреден турнир. Сум учествувал многу пати и сум бил на сите страни – на трибини како навивач, на терен како играч и сега првпат како тренер ќе бидам учесник на Струшкиот турнир. Познато ми е се за турнирот и би посакал да биде еден вид водилка на нови ракометни таленти и му посакувам уште долга вечност“, вели Ангеловски.
Пелистерци ќе се сретнат со домаќинот Струга и со грчкиот ПАОК Солун, а потоа во зависност од местото во групата ќе играат за пласман.
„Ние сме фаворити во групата со Струга и ПАОК Солун и тоа треба да го покажеме на терен. Секој ја гледа шансата да го освои трофејот, па така и ние. Ќе биде интересно до последен момент, но сепак ние сме најголеми фаворити. Посакуваме во претстојната сезона да бидеме што е можно подобри во сите сегменти од ракометната игра“, заврши Ангеловски.
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР
заминаа: Марио Танкоски (Вардар), Денис Василев (Балатонфуреди), Матеуш Пиеховски (Потаиса Турда), Руди Сери (Каен), Марко Кизиќ (Алкалоид), Калифа Гедбан (Ерланген), Урбан Лесјак (Тримо Требње)
дојдоа: Никола Митревски (Порто), Филип Ивиќ (Шамбери), Усама Хосни (Ал Араби), Богдан Мијушковиќ (Еурофарм Пелистер 2), Алем Хаџиќ (Еурофарм Пелистер 2), Василије Печурица (Еурофарм Пелистер 2), Илија Абутовиќ (Шарт), Кајо Цикатиќ (Горица)
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ:
14/8, 18:30, Струга – Еурофарм Пелистер
16/8, 20:40, Еурофарм Пелистер – ПАОК
17/8, за пласман