Шампионот Ѓорче Петров го донесе и второто засилување за претстојната сезона, во која ќе влезе со големи амбиции на домашна сцена во Женската лига и во Купот на Македонија, како и на меѓународна сцена во Лигата на Европа.
Станува збор за левиот бек Есма Муратовиќ, која доаѓа од тимот на Истогу од Косово, каде го мина пролетниот дел од минатата сезона, а есента играше за грчкиот ПАОК Солун.
Муратовиќ има 28 години, но големо искуство кога се работи за настапите на меѓународна сцена. Потекнува од Даниловград, а прв обид во странство и беше во португалската Мадеира.
Настапуваше и за турските Ардесен и Кастамону, потоа за израелскиот Макаби Аразим Рамат Ган, па три сезони во косовскиот Истогу, и една во италијанскиот Бриксен. Освен на левата бековска позиција, може да одговори на задачите и како плејмејкер.
Претходно Ѓорче Петров се засили со левиот бек Јана Калајџиевска, која дојде од Металург Автокоманда.
Шампионот претстојнава сезона ќе биде дел од Лигата на Европа, а во второто квалификациско коло ќе игра против шведскиот Хорс. Ако мине овој тим, во третото и последно пред групната фаза, Ѓорче Петров ќе се соочи со францускиот Париз.