Прилепчанецот Адријано Котевски во новата сезона ќе има нов предизвик во тренерската кариера и ќе се врати во родниот град.
Тој ќе ја води Деспина, откако се договори со управата на прилепскиот тим и доаѓа на местото на Страшо Илиоски.
Котевски во последните две сезони, со икслучок на есенскиот дел од минатата сезона, беше тренер на битолски Пелистер. Во сезоната 2022/23 го внесе битолскиот тим во плеј-оф и таму заврши на шестото место.
Прилепчанецот има Мастер Коуч лиценца, а пред работата во Пелистер, ги предводеше машките тимови на Прилеп и Македонија Ѓорче Петров. Работеше во младинските категории на Прилеп (со кадетите стана првак во 2018) и во ЖРК Пелистер (со пионерките стана првак во 2023).
Беше дел од академијата на Филип Вардар и од стручниот штаб на Кристијан Грчевски во женската кадетска репрезентација на минатото Европско првенство во Црна Гора.