Македонскиот вицепрвак Вардар го договори осмото засилување пред стартот на новата сезона, откако беше потпишан договор на една сезона со португалски чувар на мрежата.
Станува збор за искусниот, 30-годишен Мигел Еспиња Фереира, кој доаѓа во Македонија по ланските настапи во Асобал лигата за тимот на Куенка. Фереира ќе го менува Мартин Томовски кој се пресели во бундеслигашот Потсдам.
Еспиња Фереира потекнува од Бенфика, долго време беше дел од првиот и вториот тим на клубот од Лисабон, а бранеше и во Мануел Пасос и Белененсес, пред да стане интернационалец.
Во 2020 замина во Шпанија, каде што настапуваше за Уеска една сезона, потоа две години мина во францускиот Сесон Рен, а лани се врати во Асобал и една сезона мина во Сиудад Енкантада Куенка.
Настапите во Македонија за Вардар ќе бидат четврта земја каде ќе брани Еспиња Фереира.
Португалскиот голман е осмо засилување за Вардар по бековите Стојановски, Танкоски, Маргели, Крсманчиќ и Горига, како и пивотот Коиј, односно десното крило Пинто.
Вардарци ги стартуваа подготовките за новата сезона во Скопје, кон крајот на јули се селат во Маврово, а првите тест натпревари ќе бидат одиграни на турнирите во Струга и Охрид.