Дувњак има повреда, Сигурдсон не сака да ризикува со капитенот

Машката репрезентација на Хрватска утре ќе го има вториот пријателски натпревар пред Олимписките игри на гости кај домаќинот Франција.

Капитенот Домагој Дувњак има повреда и не отпатува со остатокот од екипата. Тој ќе остане во Опатија да ја санира повредата, а на негово место ќе игра средниот бек Ивано Павловиќ

„На мечот со Франција ќе видиме до каде сме. Дувњак ќе остане во Опатија бидејќи има полесна повреда, но и покрај тоа не сакаме да ризикуваме со него. Нема ништо ново од тоа што го видовте досега во нашата игра, само ќе се обидеме да оствариме некои нови тактички замисли. Франција исто така има проблеми со повреди, но нема сомнеж дека ќе сака што подобро да се претстави дома“, кажа Сигурдсон.

Дувњак има повреда на мускулот, која веќе подолго време го мачи капитенот на Хрватска. Магнетната резонанца покажа мала руптура, па ќе мора да мирува некое време.

За Франција нема да игра Дика Мем, кој има проблем со шутерската рака, па ни Гијом Жил нема да ризикува со него до стартот на Олимписките игри.