Досегашниот капитен на македонската репрезентација, Елена Ѓорѓиевска, ќе има нов клуб во претстојната сезона.
По распадот на турскиот Коњалти Анталија, десниот бек се сели во полскиот тим Енерга Калиш, со кој потпиша договор на една сезона.
„Среќна сум што станав дел од Калиш. Во мојата нова ракометна авантура посакувам да ги поделам моите искуства и способности, па заедно со тимот да оствариме што е можно подобри резултати“, изјави Ѓорѓиевска.
Ѓорѓиевска потекнува од Струга, играше за Еуростандард Ѓорче Петров, Кометал Ѓорче Петров, па за Металург, пред да замине во Будуќност, каде освои и титула во Лигата на шампионите.
Потоа ги носеше дресовите на романските Баја Маре и Крајова, а беше дел и од унгарската Алба Фехервар и хрватската Подравка.