Европската ракометна федерација денеска ги потврди 16 екипи што ќе играат во новата сезона од Лигата на шампионите.
Меѓу нив ќе биде и македонскиот првак Еурофарм Пелистер, кој втора сезона по ред ќе биде дел од елитната конкуренција. Ривалите ќе ги дознае на 27 јуни, а јасно е дека македонскиот првак ќе игра против екипа од Унгарија, Германија, Данска, Франција и Полска.
Битолчани ќе ги добија Веспрем или ПИК Сегед, Магдебург или Фуксе Берлин, Алборг или Фредериција, ПСЖ или Нант, како и Келце или Висла Плоцк.
Во зависност од шеширите, можни ривали остануваат и Спортинг Лисабон, Колстад, Загреб, Барселона и Динамо Букурешт.
Ждрепката е закажана на 27 јуни од 17:30 часот.