Екипата на Ѓорче Петров е старо-новиот шампион во единственото женско сениорско натпреварување во Македонија, а искусната Марија Анчева втора сезона по ред е најдобриот стрелец кај дамите.
Ракометарката на Астибо од Штип минатата сезона ја заврши со вкупно 232 погодоци, додека во штотуку завршената сезона, во која се играше секој со секого, без плеј-оф и плеј-аут, постигна 345 погодоци, според листата на стрелци што ја објави „Женски ракомет“.
Тоа значи дека Анчева, која исто така е пеналџија во екипата на Астибо, во просек постигнувала по 13 погодоци на секој натпревар, што е одлично остварување.
Втора на листата на стрелци е десното крило на Вардар, Ивона Трпевска. Вардаровата ракометарка постигна 195 погодоци за оваа сезона, а третото место и припадна на Емилијана Ризоска (Ѓорче Петров), која во сезона 2021/22 беше лидер на стрелците во Женската лига.
Битолчанката зад своето име во изминатата сезона запиша 190 погодоци, два повеќе од четвртопласираната членка на Стружанка, Мендувие Далипоска (198) и 16 повеќе од петтопласираната Ангела Гроздановска од Спартак (174).