Ракометарите на Тиквеш по триумфот над Бутел Скопје и враќањето на победничките патеки во суперлигашкиот плеј-оф, му гостуваат на актуелниот првак Еурофарм Пелистер.
Десното крило Евгениј Темелкоски очекува како и на претходниот меч во Кавадарци, и сега тој и неговите соиграчи да одиграат квалитетен натпревар.
„Натпреварот со Еурофарм Пелистер во Кавадарци беше многу тежок, им париравме до последните минути, но сепак на крајот имавме неколку грешки кои што екипа како Еурофарм Пелистер искусно ги искористи и не казни. Се надевам дека повторно ќе се покажеме во добро светло и ќе одиграме добар меч“, вели Темелкоски.
Актуелниот шампион има широк ростер и е опасен од сите позиции.
„Екипата на Еурофарм Пелистер е составена од искусни играчи, имаат голем ростер и мислам дека се опасни од секоја позоција. Мора да бидиме претпазливи на целосната нивна игра и брзата транзиција“, смета прилепчанецот.
Иако Тиквеш е на петтото место, има шанси да стигне до место во европските купови.
„Со двата порази во Кавадарци од Охрид и вицепрвакот ни се намалија шансите за Европа, знам дека оваа екипа може многу повеќе, но тоа е спортот и мораме понатаму. Како и секогаш, и на останатите натпревари ќе го дадеме максимумот, ни следува и купот каде што играме полуфинале, се надевам на позитивни резултати“, заврши Темелкоски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Тиквеш се игра вечерва во спортската сала „Боро Чурлевски“ со почеток во 19:00 часот.