Во време кога е тешко да се обезбедат доволно пари за нормално функционирање на клубовите, за држење чекор со најдобрите од Кавадарци стигнуваат добри вести. Екипата на Тиквеш најмалку годинава ќе може да здивне и да размислува само за работа и за резултати, бидејќи го решија прашањето на генерален спонзор на клубот.
Тоа значи пополна клупска каса, обезбедени финансии, и фокусирање на постигнување добри резултати. Од клубот потврдија дека нов генерален спонзор на клубот за 2024 година ќе биде „домашната“ компанија Винарска Визба Тиквеш. Тие решија да му помогнат на клубот, а доаѓаат од истиот град, па покажаа голема општествена одговорност.
Тиквеш сезонава првпат играше на европска сцена, а ќе игра и на Ф4 турнирот во Купот на Македонија. Теоретски се уште има шанси и за четвртото место што сигурно води во европските купови, иако тоа ќе биде и повеќе од тешко.
Најважно е што клубот е стабилен суперлигаш кој покажа дека може со секого да игра н аниво, па и да го изненанди. Кавадарчани го победија Вардар на домашен терен, и токму тој пораз на скопјани може да ги чини и титулата. На сите мечеви кавадарчани играат до последен здив.