После победата над Струга во „Езерското дерби“, ракометарите на Охрид се пред нов тежок испит во суперлигашкиот плеј-оф. Во „Билјанини Извори“ гостува актуелниот првак Еурофарм Пелистер.
Десното крило на охриѓани, Гал Цирар, очекува тежок натпревар, но вели дека ќе дадат се од себе за да го изненадат шампионот.
„Досега одигравме два натпревари со Еурофарм Пелистер и на двата покажавме дека дека можеме да се надигруваме и да им парираме, со тој менталитет ќе влеземе и во овој дуел и секако ќе пробаме победата и бодовите да останат во Охрид. Мораме да останеме сконцентрирани сите 60 минути, претходно во тие два натпревари имавме лоши периоди, и тоа не чинеше пораз. Очекувам полна сала и заедно со „Рибарите“ и останатата публика да се радуваме“, изјави словенечкиот интернационалец.
Дуелот е од клучно значење и за двата тима, Пелистер со евентуална победа ќе ја стави едната рака на шампионскиот трофеј, а доколку Охрид направи изненадување и пред домашната публика слави победа ќе се вмеша во битката за трофејот и ќе ја направи неизвесна завршницата во Суперлигата.
„Овој плеј-оф е многу силен и неизвесен до самиот крај, секој натпревар е предизвик бидејќи секој може да изненади секого, без разлика на кое место е на табелата. За нас овој натпревар е и патоказ да видиме дали сме или не во тој врв на македонскиот ракомет. Ќе дадеме се од себе и ќе пробаме да останеме во игра како за титулата така и за местата кои водат во Европа, па ќе видеме што ќе биде на крајот“, истакна десното крило на Охрид.
Натпреварот меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер се игра на 21 април во спортската сала „Билјанини Извори“ со почеток од 19:00 часот.