Младост во финишот ги освои бодовите против Македонија ЃП

Екипата на Младост од Богданци им се врати на победите во прволигашкиот плеј-оф, откако на незгодното гостување кај Македонија ЃП славеше со три гола разлика, 31:28.

За Младост ова беше важна победа во битката за втората позиција на табелата во плеј-оф фазата од Првата лига. Младост сега се наоѓа на второто место со 18 бодови, Радовиш има 17, Металург РА 16, додека лидерот Бисинов 24 бодови.

Иако гостите отворија според посакуваното, поведоа со 4:1 во воведниот дел и речиси до 20 минута имаа стабилна предност, мотивираните домаќини кон крајот на првиот дел направија камбек.

Македонија ЃП најпрвин израмни на 9:9, потоа дојде до првото и единствено водство во првото полувреме, 10:9, a резултатот по 30 минути игра беше нерешен, 12:12. До 45 минута двете екипи наизменично се менуваа во водство, потоа гостите започнаа да водат со еден до два гола разлика, така беше до самиот финиш. Домашниот тим до 57 минута беше во игра барем за бод.

Најефикасен во победничката екипа беше Илија Чрчев со осум погодоци, пет додаде Ѓорѓе Атанасов, три постигна Антонио Николовски.

Кај екипата на Македонија ЃП најпрецизен беше Бојан Божиновски со осум погодоци,  пет реализации имаа Мартин Бучуковски и Максимилијан Ѓиноски.