Некогашниот спортски директор и тренер на Вардар, Едуард Кокшаров, кој моментално го предводи Мешков Брест, најголемиот дел од клупската кариера ја помина во Целје.
Поранешниот репрезентативец на Русија во клубот од Словенија настапуваше од 1999, па до летото, 2011 година, кога одлучи да се врати во својата татковина.
Русинот со неговата одлична игра успеваше да биде примамлив за многу европски клубови, а кога Целје во сезона 2003/04 ја освои ЛШ, Кокшаров добива понуда од Барслеона, но не ја прифаќа.
,,Во тоа време играв за словенечкиот клуб Целје, тие ја освоија Лигата на шампионите, платата беше соодветна. Најпрвин Барселона нудеше речиси три пати помала плата од таа што ја имав во Словенија. Челниците на Барселона тогаш ми ја објаснија причината: Играш за дресот на голем клуб! Дрес си е дрес, но платата во Целје ми одговараше. Им ја кажав мојата понуда, од Барселона останаа занемени, потоа јас го продолжив договорот со Целје, повторно Барселона ме побара, имаа подобра понуда, но јас ги одбив”, изјави Кокшаров за рускиот сајт sport24.ru.
Кокшаров со „зборнаја“ го освои златото на Олимписките игри во Сиднеј (2000), како и на Светското првенство во Јапонија (1997).