Машката репрезентација на Македонија одигра два натпревари со селекцијата на Романија во рамките на ЕХФ неделата и два пати загуби.
На првиот меч што беше зад затворени врати, Македонија загуби со 32-27, додека на втората средба што се играше пред публика, избраниците на Кире Лазаров загубија со 28-24.
Покрај двата порази, селекторот е задоволен.
„Ја искористивме максимално ЕХФ неделата да одиграме два пријателски натпревари со Романија на гостински терен која исто така се подготвува за бараж натпреварот против Чешка во мај. Во недостаток на повеќе од половина стандарден тим, од оправдани причини, шанса дадовме на нови играчи кои се дебитанти или имаат лимитирана улога во националниот тим во нормална ситуација. Вакви натпревари се од голема важност да се види на кого може да се смета во ваков тип на тешки натпревари, поготово на гостински терен. Се надевам дека за баражот во мај ќе се комплетираме и ќе се подготвиме да одиграме квалитетен бараж натпревар бидејќи не очекува сериозен противник за пласман на Светското првенство. Задоволен сум од желбата, ангажманот и односот на овие два натпревари од целиот тим“, изјави Лазаров.
Следната ЕХФ недела е од 6 до 12 мај, кога ќе бидат одиграни двата меча со Фарски Острови на 8 мај во Торшавн и на 12 мај во Скопје.