Ракометарите на Еурофарм Пелистер не успеаја со победа да се одјават од Лигата на шампионите, откако на гостувањето во Норвешка кај Колстад беа поразени со 34:27 во натпревар од последното коло од групната фаза во европската елита.
Пелистерци по елиминацијата во Лигата на шампионите сега целосно се посветуваат на обврските во домашниот шампионат, во кој ќе имаат голем предизвик да ја одбранат шампионската титула од ланската сезона.
Тренерот на Еурофарм Пелистер, Брнако Ангеловски, истакна дека е горд на своите избраници за покажаното во дуелот со норвешкиот шампион.
,,Ние не бевме целосно подготвено, го немавме на располагање целиот ростер. Сепак, јас како тренер сум горд на моите играчи. Денес игравме со еден млад тим, со тим составен од македонски играчи. Можам да кажам дека тоа е иднината на нашиот ракомет, знаете дека кај нас тоа е спорт број еден. Се надевам дека секоја година ќе бидеме подобри, на клупско, но и секако на репрезентативно ниво“, изјави Ангеловски.
Свој коментар имаше и левиот бек Урош Борзаш, кој на денешниот дуел постигна дури 11 погодоци.
„Сакам да му честитам на ривалот. Јас сум горд на нашиот тим, одигравме со многу млади играчи. Дел од нив ги имаа првите посериозни минути во ова натпреварување”, изјави Борзаш.
Еурофарм Пелистер в сабота му гостува на Тиквеш во Кавадарци во натпревар од 5. коло од суперлигашкиот плеј-оф.