Женската репрезентација на Македонија по првото полувреме од реванш дуелот против Шпанија од квалификациите за ЕП 2024 губи со еден гол разлика, 10-9, а можеше да биде и реми, ако Зогби не го одбранеше последниот удар на Ристовска.
Нашите ракометарки отворија со водство од 3-1, но Шпанките набрзина возвратија и со серија од три гола по ред ја преземаа контролата, 4-3. Беше и 6-4, па селекторот Грчевски повика тајм-аут.
Младеновска и Гичевска погодија во продолжение за 7-6, а македонската одбрана со ситни прекршоци го прекинуваше шпанскиот напад, кој направи три грешки и Ристовска казни со два гола за водство на Македонија, 8-7.
Имавме шанса и за плус два, но не беше реализирана, Зогби фати еден македонски удар, а на спротивната страна Шпанките два пати по ред стрелаа и одново водеа со 9-8. Потоа Ристовска промаши пенал, па домашните зголемија на плус два.
По неколку промашени напади на двете страни и тајм-аут за Мартин, Маџовска намали на минус еден, 10-9, а потоа Петковска со одбрана овозможи напад за реми. Тој сепак не беше искористен и на пауза се замина со минус еден.