Ракометниот сојуз на БиХ е во потрага по нов селектор, откако спогодбено ја прекина соработката со довчерашниот предводник Ирфан Смајлагиќ.
Според пишувањата на босанските медиуми, прв фаворит за наследник на Смајлагиќ на клупата на „змејовите“ е неговиот поранешен помошник Дамир Доборац.
Доколку не се избере селектор до баражот за пласман на Светското првенство 2025, најверојатно Доборац ќе ја предводи босанската репрезентација на дуелите со Португалија.
Освен Доборац, има уште неколку кандидати за преземање на селекторската функција. Како што пишува „Мондо.ба“ кандидати сѐ и легендарниот Касим Каменица, потоа екс репрезентативецот на БиХ, Никола Прце, тренерот на Извиѓач, Тони Чолина, предводникот на Динамо Панчево, Драган Марковиќ, како и Жарко Пекјовиќ, кој моментално работи со младинските селекции во Норвешка.
Касим Каменица, кој во Македонија беше тренер на Кометал Ѓорче Петров, Пелистер, Вардар и Младост, има најголемо искуство од сите споменати кандидати.
БиХ за пласман на Светското првенство 2025 ќе се бори против Португалија. Првиот меч е закажан за 9 мај, додека реванш дуелот меѓу двете репрезентации ќе се се одигра два дена подоцна, односно на 11 мај.