Пелистерци поразени на гостувањето кај Кил

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер очекувано беше поразен на гостувањето во Германија кај гигантот Кил со 29:23 во натпревар од 12. коло од Лигата на шампионите. За разлика од лошото прво полувреме, во кое Кил едноставно доминираше на теренот, во вториот дел Еурофарм Пелистер се покажа во подобро светло и успеа да се избори за пристоен пораз.

Ракометарите на Филип Јиха уште на почетокот ја покажаа својата доминација и во текот на првото полувреме имаа голема комоција во играта. Домаќинот иако беше ослабен со неиграњето на неколку клучни ракометари, сепак, имаше одличен старт, поведе со 6:1 и како одминуваше времето растеше предноста во корист за „зебрите“.

По 15 минути игра предноста на домаќините беше 11:4 и тука веќе беше јасно дека битолчани ќе имаат тежок предизвик во преостанатиот дел од првите 30 минути. Избраниците на Брнако Ангеловски премногу простор му оставаа на домаќинот, кој ретко промашуваше и во 20 минута предноста на Кил изнесуваше девет гола разлика, 14:6.

До тој момент, македонскиот шампион имаше седум грешки, додека домаќинот само една. Во преостанатиот дел од првото полувреме, битолскиот тим никако не можеше да ја преполови негативата и во 25 минута Кил дојде до првата двоцифрена предност од 17:7.

Новото засилување во Еурофарм Пелистер, Матеуж Пиеховски, во првото полувреме го постигна дебитанскиот гол за битолскиот тим. Составот на Јиха рутински одигра во последните пет-шест минути и на пауза замина со резултатска предност од 19:10.

Еурофарм Пелистер заигра подобро во вториот дел, намали дел од предноста на домаќините и во 37 минута дојде до негатива од минус седум, 22:15. Битолскиот тим имаше шанса да дојде и до шест негатива, но Филип Кузмановски не успеа од контра да со совлада одличниот Беласен.

Сепак, македонскиот репрезентативец пет минути подоцна, односно во 42 минута, со гол од далечина погодоци за 22:16. Кил наиде на цврста одбрана и речиси десет минути не можеше да дојде до реализација. Во 45 минута погоди младиот Ѓорговски за минус пет 22:17, но домаќините бргу возвратија за 23:17.

Во последниот дел од натпреварот немаше поголема резултатска промена, тимот на Кил водеше со пет до осум гола разлика, македонскиот шампион ја подобри реализацијата, но не успеа да направи нешто повеќе во дуелот со бундеслигашот.

Најефикасен во победничката екипа беше репрезентативецот на Фарски Острови, Елијас Елефсен, со осум погодоци. Кај Еурофарм Пелистер се истакна Богдан Радивојевиќ со шест реализации.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ВЕСПРЕМ870121
2ПСЖ ХЕНДБОЛ860218
3СПОРТИНГ851216
4ДИНАМО БУКУРЕШТ850315
5ФУКСЕ БЕРЛИН840412
6ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР81255
7ХК ФРЕДЕРИЦИЈА81164
8ВИСЛА ПЛОЦК81073