Норвешкиот шампион Колстад останува да „виси“ за пласман во елиминациите во Лигата на шампионите откако загуби на гостувањето кај ПИК Сегед со 29-27.
Иако голманот на Колстад, Торнбјорн Бергеруд имаше фантастични 20 интервенции, сепак тоа не беше доволно за барем бод од тешкото гостување.
По израмнетиот старт, ПИК Сегед полека ја презема контролата на терен, имаше во повеќе наврати плус четири, а на пауза замина со плус два, 15-13.
Колстад не се предаваше во битката за камбек, во финишот дури и поведе со еден гол, 25-24, но по 26-26 следуваа клучни погодоци.
Банхиди и Шоштариќ реализираа, Лисе и Гулеруд промашија и тука беше клучот за победата на ПИК Сегед.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Банхиди со осум и Шоштариќ со шест гола, а голманот Миклер имаше 13 одбрани, додека кај Колстад се истакна Гудјонсон со осум погодоци.