Ангеловски: Натпреварот го загубивме уште во првиот дел, но можевме да се избориме за помал пораз!

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер пред својата публика доживеа  пораз од ПСЖ во натпревар од 11. коло од Лигата на шампионите со 31:25.

Еурофарм Пелистер останува на последното место во рамки од групата А, на 11 натпревари не успеа да освои бод, додека ПСЖ со новата победа дојде до 13 бодови на свое конто и си ги задржа шансите за првото место на табелата.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранко Ангеловски, го анализираше поразот од ПСЖ и истакна дека уште на почетокот неговите избраници го загубиле дуелот со моќниот француски клуб.

,,Задоволство е да се биди тренер на овој клуб, задоволство е да се води оваа група на играчи и задоволство е да ја чувствувате енергијата на нашите навивачи, кои во текот на сите 60 минути ни даваа голема поддршка, но на крај се уверивме во силината на секој поединец на ПСЖ. Би сакал кога се работи за пораз тој пораз да биде подостоен, мислам дека можеше да биде уште помал поразот, имавме доста промашувња, но натпреварот го загубивме уште во првиот дел кога Јани Грин имаше десет одбрани”, изјави Ангеловски.

Стратегот на пелистерци е задоволен од прикажаната игра на ракометарите со помала минутажа, кои имаа шанса да ги покажат своите квалитети во завршниот дел од натпреварот.

,,Навистина сум горд на овие играчи, одигравме подобар натпревар од оној против Вардар, квалитетот на ПСЖ е далеку поголем и повидлив од нашата екипа, посакувам само здравје на овие играчи и се надевам дека ќе се радуваме на многу успеси. На секој натпревар имаме добра ротација и мене ми е драго што клупата позади е многу добра, тие играчи кои се со помала минутажа цело време се со мозокот во терен, само на натпреварот со Вардар имавме слаба ротација”, заврши Ангеловски.

Битолскиот тим во 12. коло од европската елита за ривал го има Кил, кој денес го игра дерби дуелот со полскиот гигант Келце.

Еурофарм Пелистер поразен од моќниот ПСЖ