По триумфот над Вардар, ракометарите на Еурофарм Пелистер немаат многу време за славење бидејќи ги очекува мечот со ПСЖ во Лигата на шампионите.
Тренерот на пелистерци, Бранко Ангеловски, смета дека утре треба да биде празник на ракометот во Битола.
„В среда треба да биде празник на ракометот во Битола. Доаѓа една од најдобрите екипи, со најдобрите ракометари и не можевме да посакаме подобар тајминг на нивно доаѓање. Доаѓаат по успесите на Европското првенство. Пристигнува Никола Карабатиќ во последната играчка сезона и посебно ми е драго за тоа, каде ќе атакува на олимписко злато“, вели Ангеловски.
Стратегот на битолчани вели дека ЛШ секоја сезона е се посилно натпреварување.
„Лигата на шампионите е секоја година се појака, но ПСЖ е сигурно е еден од фаворитите и ќе атакува на Ф4. Имаат одлична екипа со многу брза транзиција, брза полуконтра и организиран брз центар. Имаат играчи од светска класа на сите позиции, покриени се добро и ќе ми биде задоволство да се натпреваруваме со такви величини на играчи и тренери“, продолжи Ангеловски.
Тој смета дека дуелот со ПСЖ доаѓа во вистински момент.
„Имавме тежок распоред, во три дена играме два битни натпревари. Секој натпревар против Вардар е тежок и има своја историја. Беше тежок и за мене. Веднаш по Европското првенство и Африканско првенство се вратија играчите, но за десетина дена не е лесно да се подготвиш. Употребувавме некои работи кои ќе ги користиме и против ПСЖ. Се обидовме да подготвиме тактика за двата натпревари. Победата против Вардар многу ни значи и затоа ПСЖ ни доаѓа во вистински момент. Остваривме победа против Вардар, со помош на нашите навивачи. Се надевам дека со нивна помош, ќе имаме „ветар во грб“, и верувам дека ќе ги повториме игрите од последните натпревари во Лигата на шампионите, па ќе играме на „една топка“ како со Келце, Загреб и ПИК Сегед“, продолжи Ангеловски.
Билети за дуелот со ПСЖ нема повеќе.
„Знам дека салата е распродадена и ова ме потсетува на минатото кога се бараше билет повеќе за натпреварите во сојузната лига на Југославија, потоа во македонското првенство и во европските купови. Благодарен сум на нашата публика, јас и моите играчи ја чувствуваат нивната енергија. Пораките што ги добиваме пред и по мечот, се само импулс плус“, заврши Ангеловски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и ПСЖ се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 18:45 часот.