Ракометарите на Струга во вториот дел од сезоната ќе играат во плеј-оф фазата и ќе се обидат да се претстават во добро светло.
Стружани во рамки од првото коло од плеј-офот ќе му гостуваат на амбициозниот тим на Тиквеш.
Двете екипи се сретнаа во регуларниот дел од сезоната и на двата натпревари подобри беа избраниците на Раде Стојановиќ.
Еден од поискусните во составот на Струга, десното крило Тодор Јанкуловски, ги истакна своите очекувања за пролетниот дел од сезоната, како и за утрешниот дуел во Кавардарци.
,,Со самиот пласман во плеј-оф фазата ние ја остваривме зацртаната цел, сега во натпреварите влегуваме без некој голем притисок и ќе играме да се покажеме во што подобро светло. Тоа не значи дека на натпреварите од плеј-офот ќе излеземе со бело знаме, напротив ќе се бориме максимално на секој меч и ќе ја искористиме секоја дадена прилика за освојување бодови и што подобар пласман на табелата. Од натпреварот со Тиквеш очекувам машка борба, иако тие двапати славеа против нас во регуларниот дел, ќе се бориме за секоја топка и доколку ни се укаже прилика ќе ја искористиме. Иако немаме широк ростер на играчи, верувам дека со машка и колективна игра би биле тежок ривал за секоја екипа, особено на домашен терен”, изјави Јанкуловски.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Струга се игра в сабота во салата „Јасмин“ со почеток во 17:00 часот.