Рускиот шампион ЦСКА Москва денеска слави пет години постоење и во споредба со други руски и европски гиганти тоа е малку, но сепак овој тим за кратко време постигна големи успеси.
Реномираниот руски портал „Брз Центар“, направи идеален тим на сите времиња составен од ракометарки што поминаа низ ЦСКА Москва во овие пет сезони, а меѓу нив имаше место и за Сара Ристовска.
Македонската репрезентативка е избрана за најдобро десно крило во историјата на ЦСКА Москва, додека на спротивната страна е Полина Горшкова, која исто како и Ристовска игра за овој тим од самиот старт.
„Ова е позиција за која нема дилеми. Тешко е да се замисли ЦСКА Москва без оваа насмеана и емотивна Македонка. Во првата сезона на клубот таа играше на проблематичната десна бековска позиција, но потоа се префрли на својата природна позиција – десно крило. Нејзините ‘вртенки’, ‘суви листови’, лоб удари…постојано прават сè повеќе фанови да се заљубуваат во ракометот воопшто, а особено во ЦСКА“, се вели во објавата на „Брз Центар“.
На голот е Кира Трусова, која минатата сезона беше меѓу најзаслужните за титулата во домашното првенство, додека на пикерската позиција е Анастасија Иларионова – капитенот на ЦСКА Москва, која и во моментов е дел од тимот.
На трите бековски позиции се најдоа Елена Михајличенко, Дарија Дмитриева и Антонина Скоробогатченко.
Иако низ ЦСКА Москва минаа многу интернационалки како Катрин Хеиндал, Чана Масон, Сабина Јакобсен, Ана Грос, Драгана Цвијиќ…место во идеалниот тим имаше само за Сара Ристовска.