Во Македонија доаѓа интересна ракометна пролет
1.Селектор на гости
Кога имаш селектор на гости, викендот нормално, ти е исполнет со убава дружба и со еден куп ракометни муабети. Што има „кај нив горе и кај нас долу“ по машкото европско, што било и што ќе биде со женскиот ракомет, неисцрпна тема додека во меѓувреме, покрај скопската дружба, фаќаме да изгледаме и по некое полувреме од викенд натпреварите во Лигата на шампионите. Со Лилјана Марковиќ, поранешна југословенска репрезентативка од славната генерација и ракометарка на Кометал ЃП кога го пробиваше патот во Европа, а потоа и тренер од првата генерација на отворањето на македонската ракометна Академија и тренер на младинскиот тим во славните денови на ЖРК Вардар, а сега селекторка на женската младинска репрезентација на Србија, отсекогаш ни одел муабетот. Се знаеме безмалку три децени, уште од таму далечната 95-та кога Кометал ЃП тргна во европскиот поход, а јас како тазе дипломиран студент, со нив тргнав на првото новинарско патување на некој турнир во Нови Сад. Оттогаш многу вода протече низ Вардар, се случија европски титули, неколку фајналфори, десетици европски и светски првенства, стотици ракометни патувања, илјадници испишани страници…но ете, тоа прво патување остана засекогаш во убаво сеќавање. Можеби затоа што беше прво или затоа што беше токму на почеток на новата ракометна ера во Македонија и за сѐ што се случуваше низ годините потоа. И, многу ракометни пријателства од тоа време останаа и до ден денеска. Ова е едно од нив.
Но, да се вратиме во сегашноста. Само што стигна Лилја Марковиќ од Шабац во Скопје, почнаа да титкаат вестите за последните случувања „кај нив горе“ – оставки во Управниот одбор на Ракометниот сојуз на Србија и нов генерален секретар, селекторски извештаи, разрешување на Тони Герона и бонус за Урош Брегар.
Се шегувам за „вонредната ситуација“ во РСС – па добро, ние може и на хаосот да ви завидиме. Кај нас додека стигнат селекторските извештаи на дневен ред, веќе сите заборавиле и каде сме играле и што сме направиле, па УО не ни дискутира нешто многу, многу, а не пак некој да сноси или да бара одговорност или да поднесува оставка од морални причини. Кај нас тоа се оди „мазно“ и он-лајн. Што има сега да се расправаме што-како сме играле. Било поминало.
И, токму на муабетот, на кафе се сретнуваме со поранешниот директор на македонската репрезентација. Од тема на тема, како било што било, на смеа и вели на Лилја „од нас полоши сте само вие горе“. Се смееме, ама и ме замисли малку. Шегата од некој што од внатре ги знае работите, малку звучи како потврда дека нешто не е така сјајно како што сакаме да изгледа. Ама од друга страна пак, имало и полошо!
Ај си викам да проверам што е тоа драмата горе и меѓудругото, случајно ми паѓа во очи изјавата на новиот генерален секретар на РСС, Александар Брковиќ за соработка со медиумите, во која вели – „Канцеларијата ќе биде прометна за сите. Новинарите се секогаш добредојдени, како, впрочем и сите луѓе љубители на ракометот“.
Веднаш ми излегува слика на металната капија пред РФМ и на он-лајн шемата со ограничен пристап.
Сега веќе сум во дилем дали екс-директорот беше во право за она „каде е лошо, а каде полошо“.
2.Еден помалку, четири вишок, пет во аут
Неколку дена пред почетокот на пролетниот дел од сезоната или завршниот плеј-оф и плеј-аут во македонската Супер лига има најава дека сите 16 суперлигаши на крајот нема да се на број. РК Аеродром наводно, го откажува настапот во плеј-аутот поради финансиска криза. Според информациите што беа објавени деновиве, поголем дел од играчите веќе го напуштиле клубот кој најверојатно нема да настапи во завршницата од Супер лигата.
Да биде трагедијата поголема, тоа ќе значи фаќање континуитет и во еден негативен тренд, откако лани во плеј-офот од женската лига од настапот се откажа поранешниот шампион ЖРК Металург.
Евентуалното откажување на РК Аеродром пак ќе биде уште еден показател дека Македонија нема капацитет, ниту пак доволен број финансиски стабилни клубови за да има Супер лига со 16 екипи. И тоа требаше да биде согледано уште многу поодамна и со време да биде регуларно со ефикасен систем на натпреварување во кој квалитетот ќе биде приоритет пред квантитетот и сите други фактори кои во изминатите 4-5 сезони беа „релевантни“ за двојното проширување на Супер лигата како највисок ранг на натпреварување.
Сега, со најавеното скратување по „скратена“ и не баш многу транспарентна постапка, Супер лигата за следната сезона 2024/2025 треба да биде намалена од 16 на 12 екипи, односно 4 екипи се вишок.
Или, според шемата што долго беше на разгледување во процесот што никој не знае до каде е, барем не официјално, пет или шест од актуелните суперлигаши, зависно од баражот, ќе го загубат местото во највисокиот ранг на натпреварување во кое следната сезона треба да играат 8 екипи од плеј-офот, двете најдобри екипи од суперлигашкиот плеј-аут, првакот во Првата лига и победникот од баражот меѓу третиот од суперлигашкиот плеј-аут и второпласираниот во Првата лига. Барем така беше најавено во последните објави за новиот систем на натпреварување од декември, ако не се сменило нешто во „разгледувањето“ во меѓувреме додека не се вклучи УО он-лајн за усвојување.
3.Чекајќи го плеј-офот
А, дотогаш фокусот главно е насочен на претстојниот суперлигашки плеј-оф со доигрувањето на Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите во втор план.
Саботното дерби во Битола меѓу новиот и стариот македонски шампион ќе го означи стартот на разигрувањето и ќе покаже дали Вардар ќе ја зголеми предноста или Еурофарм Пелистер ќе се приближи во трката за шампионската титула. Или пак можеби РК Алкалоид ќе им ги расипе сметките и на едните и на другите. Ништо не е исклучено.
Вардар во разигрувањето за титулата стартува со продолжена соработка со тројца домашни играчи и со две нови странски засилувања – Тунижанецот Мохамед Тафик Бакар на десен бек и Србинот Немања Гојковиќ на централната бековска позиција.
Еурофарм Пелистер му даде полна доверба на Бранислав Ангеловски од привремено да остане како трајно решение на клупата и да ја доврши работата. Звонко Шундовски ја повлече моралната оставка како стручен тим менаџер што ја поднесе по неуспешниот прв дел од сезоната и во вториот се враќа како извршен директор. А, во играчкиот дел како капитално засилување за плеј-офот, битолскиот тим го потпиша Дејан Манасков.
Кој од двата ривали завршил подобра работа на полусезоната, ќе се види веќе во сабота на првата плеј-оф пресметка во Битола. Горе-долу, во Македонија доаѓа интересна ракометна пролет.