Репрезентацијата на Македонија за ривал во бараж двомечот за пласман на Светското првенство 2025 ја доби репрезентацијата на Фарски Острови, која на континенталниот собир во Германија го имаше дебитанскиот настап на големите натпреварувања и на ракометните љубители им остави позитивен впечаток, иако не успеа да се пласира во главната фаза.
Во шампионатот на Фарски Острови настапува поранешниот кадетски и младински репрезентативец на Македонија, Бобан Каковски. Битолчанецот од Франција се пресели на островската земја и во текот на оваа сезона ги засили редовите на КИФ, кој своевремено беше шампион на Фарски Острови.
,,За време на Европското првенство владееше голема еуфорија на Фарските Острови, мала земја, со историски пласман на едно огромно натпреварување. Со нетрпение се чекаше првиот натпревар против Словенија Поради големиот интерес, околу 10% од населението замина во Германија да ја поддржи репрезентацијата. Следуваше одложување и поместување на натпреварите и тренинзите од подготвителниот период, бидејќи голем дел од играчите од сите клубови заминаа во Берлин за да навиваат”, вели Каковски.
Фарски Острови во претходните три години постигна изненадувачки резултати на Светското кадетско и младинско првенство, како и на Европското кадетско првенство. Во тимот на Каковски настапуваат неколку младински репрезентативци, па така македонскиот интенрационалец има можност на дело да види со што располагаат идните ѕвезди на „фараните“.
,,Репрезентацијата на Фарски Острови на Европското првенство во Германија имаше само еден играч од домашното првенство. Од мојот клуб имаше еден играч, кој се најде на поширокиот список, но поради големата конкуренција не се најде во финалниот избор на играчи за континенталниот собир. Дополнително, имаме неколку играчи кои претходно настапувале и го носеле дресот на сениорската репрезентација, а во овој момент во мојот клуб има пет младински репрезентативци кои секојдневно напредуваат”, додаде Каковски.
Битолчанецот на почетокот при неговиот претстој на Фарски Острови бил изненаден од нивната посветеност кон ракометот.
,,Кога пристигнав на Фарски Острови веќе имав некои информации од порано, но по првите тренинзи и натпревари што ги одиграв малку бев изненаден од нивниот квалитет на игра и работа. Системот на работа е целосно ист како во Данска. Големо внимание се посветува на работата во малите категории, кои со тренинзи започнуваат на осум годишна возраст. Салите се исполнети секојдневно, има голем интерес, се најавуваат психолошки работилници и сето тоа дава резултати”, истакнува Каковски.
Иако Македонија веќе континуирано настапува на Европските и Светски првенства, сепак, од островската земја на „црвено-жолтите“ гледаат како голема шанса за да изборат второ учество на едно големо натпреварување.
,,Во баражот за Светското првенство ги добивме Фарски Острови, непожелен противник, доста незгоден и физички многу подготвен. По нивното натпреварување кое го видовме на ова ЕП, особено по оној изненадувачки резултат против селекцијата на Норвешка, Фарски Острови се противник кој ни најмалку не треба да се потцени. Во разговорот со тренерите и играчите гледаат огромна шанса против репрезентацијата на Македонија на овој двомеч. Досега постигнаа многу позитивни резултати кога играат на домашен терен, но Македонија е подобра репрезентација и во овој двомеч влегува како фаворит”, изјави Каковски.
23-годишниот ракометар е задоволен од квалитетот во шампионатот на Фарските Острови, како и од комплетното функционирање во неговиот клуб.
,,Првенството на Фарски Острови е на квалитетно ниво, се игра добар ракомет, но не се сите 100% професионално насочени кон ракометот, некои ги интересираат и други работи, но начинот и квалитетот на игра тоа не го кажува. Има многу квалитетни домашни играчи, но и професионални играчи од Данска. Натпреварите се многу интересни и неизвесни за крај. Овде лигата од година во година станува сѐ поквалитетна. Условите во мојот клуб се одлични, тренираме напорно, сѐ е на располагање 24/7, секој ден се подобруваме како тим. Ракометот кај нас во Македонија и овде на Фарски Острови се разликува во тоа што тука се негува тој скандинавски стил на игра со многу трчање”, заврши Каковски.
Првиот меч меѓу Македонија и Фарски Острови ќе се игра во Торшавн на 8/9 мај, додека реваншот ќе биде во Скопје на 11/12 мај.