Амбициозниот тим на Охрид го освои третото место на Меѓународниот турнир „Драго Јововиќ“ во Врбас, Република Србија, кој се одигра викендов.
Покрај Охрид, на турнирот учествуваа и актуелниот шампион на Србија Војводина, потоа амбициозната Црвена Ѕвезда и домаќинот Врбас.
Во полуфиналето, вчера, Војводина го совлада Охрид со 37:26 (19:12). Најдобар поединец во редовите на Охрид беше крилото Гоце Ојлески со 8 постигнати погодоци.
Во второто полуфинале, Црвена Ѕвезда го совлада Врбас со 33:27 (16:15), додека во битката за бронзата, домаќинот Врбас и Охрид одиграа неизвесен натпревар кој беше решен по изведувањето на пенали, откако во регуларниот дел мечот заврши 32:32 (16:16). По седмерците Охрид славеше со 35:36.
Најдобар во редовите на Охрид беше хрватскиот интернационалец Рудолф Шафранко со 7 погодоци. Победник на турнирот е Војводина која во финалето ја совлада Црвена Ѕвезда со 35:23 (17:12).
Охрид турнејата во Србија ќе ја заврши со пријателски меч со Дубочица од Лесковац. Натпреварот меѓу Охрид и Дубочица ќе се одигра во текот на утрешниот ден.