Ракометарите на Струга ја остварија зацртаната цел за оваа сезона, откако обезбедија место во плеј-оф фазата.
Стружани веќе активно работат за да се покажат во квалитетнот издание во вториот дел од сезоната.
Еден од најмладите ракометари во составот на Наум Танески, левото крило Филип Велјановски, оптимистички е настроен за тешкиот предизвик.
,,Ова сега ни е втора недела од подготовките и акцентот моментално ни е ставен на кондицијата. Максимално се залагаме. Посветеноста на играчите е на високо ниво, затоа што желбата на надигрување ни е приоритет. Сигурен сум дека ќе бидеме незгоден противник за сите екипи, посебно на домашен терен со помош на навивачката група „Паткари“ и верувам дека ќе изненадиме и со играта и со резултатот”, изјави Велјановски.
Младиот ракометар верува во квалитетот на неговата екипа и истакнува дека Струга ќе може да направи уште еден чекор повеќе во натпреварувачката сезона 2023/24.
,,Очекуваме големо подобрување во играта од првиот дел, бидејќи сега сме воиграни и хемијата на тимот ни е на многу повисоко ниво. Иако играме со квалитетни екипи како Вардар, Еурофарм Пелистер, Алкалоид, Охрид…и стартуваме како аутсајдери со нула бодови, сепак, јас верувам дека ќе бидеме големо изненадување и ќе се бориме рамноправно со сите екипи до крјаот”, додаде Велјановски.
Левото крило смета дека обезбедениот пласман меѓу најдобрите осум екипи ќе треба да се оправда со квалитетна игра на теренот.
,,Со самиот пласман во плеј-офот ние веќе ја остваривме нашата цел, но не застануваме тука. Пласманот треба да го оправдаме со квалитетна игра и со тоа да докажеме дека ние заслужуваме да сме во најдобрите осум екипи во Македонија и дека Струга и стружани заслужуваат да имаат врвен ракомет”, заврши Велјановски.
Првиот предизвик за Струга во плеј-оф натпреварувањето ќе биде Тиквеш, кој беше ривал на составот на Наум Танески и во регуларниот дел од тековната сезона.