Репрезентацијата на Србија одигра далеку под своите можности на Европското првенство во Германија и настапот на континенталниот собир го заврши на 19 место.
Србија на Европското првенство допатува со големи амбиции, целта беше да се обезбеди пласман во главната фаза, но „орлите“ целосно потфрлија.
Избраниците на Тони Херона во последното коло беа поразени од Црна Гора со 30:29, претходно загубија од Унгарија со 28:27, додека во првото коло ремизираа со Исланд, 27:27.
Српските ракометари има за што да жалат, со победа од најмалку два гола разлика над нивниот сосед ќе беа меѓу најдобрите 12 европски репрезентации, бидејќи нивниот главен конкурент Исланд загуби убедливо од Унгарија.
После поразот од Црна Гора, медиумите во Србија не ги штедеа критиките кон своите ракометари.
„Курир“ напиша – Дебакл на Србија на ЕП: Болен пораз на ракометарите, Црна Гора ги испрати веќе дома по првата фаза.
Спортскиот портал „Моцарт Спорт“ имаше текст со наслов „Работите треба да се нарекуваат со нивното вистинско име – фијаско на Орли“.
Ниту порталот „Мондо“ не штедеше на зборови, по поразот од Црна Гора имаше напишано – Брука и срамота на Србија на Европското првенство: Пораз во последната секунда, подобри се и Црногорците!