Репрезентацијата на Словенија во првото коло од Европското првенство славеше победа над Фарски Острови со 32:29.
Словенците иако се мачеа 45 минути, сепак, во последниот период од натпреварот со одличната игра, пред сѐ во одбраната, покажаа „кој е кој“ на теренот.
Островската земја уште на стартот покажа дека не е дојдена како аутсајдер на Европското првенство и покажа дека е репрезентација која оди во нагорна линија. Дебитантот во првото полувреме во два наврати имаше два гола предност, додека во останатиот дел од првите 30 минути одлично им парираше на избраниците на Урош Зорман.
Словенија никако не можеше да направи исчекор, наиде на цврста одбрана од страна на Фарски Острови, во еден период дојде до плус два (8:6), но дебитантот со добра организација и добра поставена одбрана даде до знаење на ривалот дека нема лесно да се предаде.
Откако беше 13:13 на полувреме, репрезентацијата на Фарски Острови за неколку минути игра во вториот дел дојде до максималните два гола разлика од првото полувреме, 17:15. Мотивираните момци на Ларсен не реализираа за три гола разлика и грешките беа експресно казнети од страна на ракометарите на Словенија, составот на Зорман направи серија од 4:0 и дојде до 19:17.
Од тој момент Словенија имаше активен резултат, до 45 минута водеше со еден до три гола разлика, потоа зголеми на 25:21 и не дозволи Фарски Острови да направи камбек, иако избраниците на Ларсен намалија на 29:27 во 55 минута.
Во листата на стрелци кај победничката репрезентација се запиша и членот на Еурофарм Пелистер, Нејц Цехте. Десниот бек имаше три реализации против дебитантот, додека најефикасни беа Алекс Влах со осум и Миха Зарабец со седум погодоци. Кај поразениот табор се истакнаа Елиас Елефсен а Скипаготу со девет и Хакун Вест Ав Тејгум со осум реализации.
Холандија немаше поголеми проблеми против Грузија, триумфираше со 34:29. Ракометарите на Стефан Олсон победата против дебитантот ја обезбедија уште во првото полувреме, кое го добија со седум гола разлика, 19:12.
Олсон за денешниот дуел ги одмараше дел од главните играчи, повеќе шанса имаа ракометарите со помало репрезентативно искуство, но ни тоа не претставуваше проблем „лалињата“ да дојдат до убедлив триумф.
Во составот на Грузија настапи актуелниот член на Охрид, левиот бек Теимураз Орјоникидзе, кој беше меѓу најефикасните во својата репрезентација, постигна шест погодоци, додека екс голманот на Прилеп и Охрид, Зураб Цинцадзе имаше три интервенции.
Холанѓаните во второто коло ќе играат против БиХ и со победа на тој дуел веќе ќе го заверат пласманот во главната фаза на Европското првенство. Грузија и во второто коло ќе има тежок предизвик, бидејќи за ривал го има актуелниот бранител на титулата, репрезентацијата на Шведска.
Нашиот јужен сосед дебито на континенталните собири го започна со пораз, откако во натпреварот со Португалија, која во Германија пристигна без неколку клучни играчи, загуби со 31:24 (18:14).
Грците се држеа до првата половина од првиот дел, парираа на моменти, но разликата во квалитет си го направи своето, па така составот на Пауло Переира дојде до важна победа на континенталниот собир.
Португалија во второто коло за ривал ја има репрезентацијата на Чешка, додека Грција првите бодови ќе ги бара во дуелот со силната Данска.