Тимот на Вардар Неготино ќе биде посилен за четворица ракометари пред стартот на суперлигашкиот плеј-аут.
Стратегот Игор Котевски на денешната прозивка ќе смета на четворица нови ракометари, меѓу кои еден направи камбек во неготинскиот тим.
Станува збор за Даниел Ацев, кој се враќа во Вардар Неготино по една полусезона мината на голот на Металург РА.
Од тимот на Скопје, кој е директен конкурент за опстанок на неготинци доаѓаат двајца ракометари – кружниот напаѓач Андреј Митиќ и средниот бек Велимир Грујовски. Неготинци се засилија и со десно крило од Радовиш, а тоа е Филип Трајанов.
Вардар Неготино останаа без двајца од тројцата српски интернационалци, откако од клубот заминаа голманот Лазар Миниќ и десното крило Александар Кериќ.
Неготинци стартуваат без бодови во плеј-аутот, а им претстои тешка битка за опстанок со Голден Арт, Прилеп, Куманово, Скопје, Аеродром, Мулти Есенс и Еурофарм Пелистер 2.