ЕП 2024: Група Д – Норвешка главен фаворит, Фарски Острови бркаат сензација

Од 10 до 28 јануари Германија ќе биде домаќин на Европското сениорско првенство во машка конкуренција. Гледачите во Минхен, Берлин, Хамбург, Келн, Манхајм и Диселдорф ќе имаат можност да ги видат мајсториите на најдобрите ракометари. 24Ракомет ви ги претставува учесниците на претстојното ЕП...

ГРУПА Д (БЕРЛИН)

Во групата Д ќе има еден дебитант, тоа е репрезентацијата на Фарски Острови, останатите три репрезентации се Словенија, Норвешка и Полска. Гледано по квалитет, прв фаворит е репрезентацијата на Норвешка, додека за второто место во игра се останатите репрезентации. Аутсајдер во групата е Фарски Острови, но островската земја во никој случај не би требало предвреме да се отпишува, има доволно квалитет за да им ги мати сметките на „големите“. Тоа го покажа и во квалификациските натпревари за пласман на шампионатот. Натпреварите од Групата Д ќе се играат во „Мерцедес Арена“ во Берлин.

СЛОВЕНИЈА 

Словенија на Европското првенство во Германија ќе го има 14 учество на континенталните собири. Словенците од својата независност пропуштија само два настапи на Европските првенства, 1998 и 2014 година. Најголемиот успех за Словенија е второто место во 2004, но и четвртото место на Европското првенство во 2020 година. Претходното Европско првенство беше неуспешно за Словенија, најпрво следуваше елиминација во првата фаза, потоа и прекин на соработката со Љубомир Врањеш.

Селекторот Урош Зорман за настапот на Европското првенство одлучи да направи тим со спој на младост и искуство, па така меѓу повиканите ракометари сѐ и двајцата членови на Еурофарм Пелистер, голманот Урбан Лесјак и десниот бек Нејц Цехте. Зорман ќе може да смета и на средниот бек Миха Зарабец. Членот на Висла Плоцк не настапи на Светското првенство 2023. На Мундијалот во Полска и Шведска го немаше ниту Гашпер Маргуч, кој во Германија ќе биде еден од главните адути на Зорман.

Техничките квалитети на словенечката репрезентација се високи, посебно квалитетот на големиот број средни бекови. На позицијата среден бек настапуваат Миха Зарабец (Висла Плоцк), Деан Бомбач (ПИК Сегед), Рок Овничек (Нант) и Алекс Влах (Алборг). Можеби голем удар за Словенија ќе биде отсуството на десното крило Блаж Јанц и кружниот напаѓач Стефан Жабиќ, но Урош Зорман на речиси секоја позиција има по два квалитетни играчи. Како голем адут на Словенија можат да бидат голманите Лесјак и Ферлин, двајцата имаат големо репрезентативно искуство.

Селектор: Урош Зорман
Клучни играчи: Алекс Влах (среден бек), Гашпер Маргуч (десно крило), Борут Мачковшек (лев бек)

Распоред на натпревари:
11 јануари, 18:00, Словенија – Фарски Острови
13 јануари, 18:00, Полска – Словенија
15 јануари, 20:30, Норвешка – Словенија

НОРВЕШКА

Норвежаните во последните осум години се меѓу најдобрите репрезентации на стариот континет. На Европското првенство во 2016 година го освојуваат четвртото место, во 2018 го освојуваат седмото место, а веќе во 2020 година, кога се дел од домаќините на Европско првенство, стигнуваат до полуфинале и ја освојуваaт бронзата. На претходното Европско првенство завршија во ТОП 5, односно на петтото место. Скандинавската репрезентација од 2006 е редовен учесник на континенталните собири.

Речиси сите репрезентативци на Норвешка се искусни, имаат одиграно многу натпревари на големите натпреварувања, поголемиот дел од нив настапуваат во Лигата на шампионите и поради квалитетот кој го поседуваат, може да се истакне дека Норвешка е фаворит во оваа група.

Како што е познато, одбраната и головите од брзи контри се белег на Норвешка, па така се очекува на Европското првенство да се изнаиграат крилата Александар Блонц и Кристијан Бјорнсен. Од повиканите 19 ракометари, 14 од нив настапуваат во Лигата на шампионите. На списокот кај селекторот Јонас Виле не се најде левото крило на Колстад, Адриан Алберг, кој во првиот дел од сезоната во Лигата на шампионите имаше забележителни настапи. Виле за Европското првенство ќе може да смета на ѕвездата Сандер Сагосен. Искусниот ракометар на Европското првенство 2020 постигна 65 погодоци и стана најдобар стрелец на сите времиња на континенталните собири. Освен што е добар реализатор, 28-годишниот ракометар важи и за еден од најдобрите асистенти. Покрај Сагосен, тука сѐ и Харалд Рајнкинд, Магнус Род, Горан Јохансесен, Тобијас Грондал, Себастијан Бартолд….Факт е дека Виле со овие имиња има материјал за голем дострел.

На кое место ќе заврши Норвешка во групата Д, најмногу ќе зависи од првиот натпревар. Ракометарите на Норвешка за прв ривал ја имаат незгодната репрезентација на Полска. Токму овој натпревар ќе покаже колку може да стигне далеку норвешкиот состав.

Селектор: Јонас Виле
Клучни играчи: Сандер Сагосен (среден бек), Магнус Род (десен бек), Торбјорн Бергеруд (голман)

Распоред на натпревари:
11 јануари, 20:30, Норвешка – Полска

13 јануари, 20:30, Фарски Острови – Норвешка
15 јануари, 20:30, Норвешка – Словенија

ФАРСКИ ОСТРОВИ

Репрезентацијата на Фарски Острови ќе биде еден од дебитантите на Европското првенство 2024. Островската земја, која има 50.000 жители, во последните неколку години направи голем ракометен подем. На Европското кадетско првенство, кое се одржа во Црна Гора, репрезентацијата на Фарски Острови ги совлада Франција, Србија, Словенија…Тогаш за најдобар стрелец со 80 погодоци и за најдобар играч беше прогласен Оли Митун.

Освен Оли Митун, од оваа репрезентација произлегоа уште неколку ракометари на кои им се предвидува голема кариера. Тука e десното крило Хакун Вест Ав Тејгум, кој со одличните настапи во националниот дрес си обезбеди трансфер во бундеслигашот Фуксе Берлин. Голем адут на Фарски Острови во дебитанскиот настап ќе биде и средниот бек Елиас Елефсен а Скипаготу. Исто како и Хакун Вест Ав Тејгум, Елефсен беше на мета на многу богати клубови, но на стартот на оваа сезона реши да ја прифати понудата на Кил. Тоа се трите клучни ракометари од кои најмногу ќе зависи играта на дебитантот.

Што се однесува до голманите, селекторот Петер Ларсен на располагање ќе ги има Паули Јакобсен и Николас Сачвел. Јакобсен настапува во данскиот шампионат, поточно во екипата на Елит, додека Сачвел го брани голот на Викинг од Норвешка. Иако двајцата голмани не се многу познати на ракометната јавност, сепак, оставија одличен впечаток во квалификациите за пласман на континенталниот собир и со нивна помош Фарски Острови направи историски успех.

Ракометарите на Фарски Острови својот прв натпревар на големите натпреварувања ќе го одиграат на 11 јануари, ривал ќе биде репрезентацијата на Словенија.

Селектор: Петер Ларсен
Клучни играчи: Елиас Елефсен а Скипаготу (среден бек), Оли Митун (лев бек), Хакун Вест Ав Тејгум (десно крило)

Распоред на натпревари:
11 јануари, 18:00, Словенија – Фарски Острови
13, јануари, 20:30, Фарски Острови – Норвешка
15 јануари, 18:00, Полска – Фарски Острови

ПОЛСКА

Репрезентацијата на Полска ќе атакува на едно од првите две места кои што водат во главната рунда. Полска во последните години нема забележителни резултати на големите натпреварувања, по смената на генерацијата на Биелецки, Јурецки…дојде до голем пад во полската репрезентација, но Полска секогаш била незгодна за силните и поквалитетни репрезентации.

Полска на претходното Европско првенство заврши на 12 позиција, оствари две победи во првата фаза, едно реми и три порази во главната фаза. Новиот селектор на Полска, Марцин Лијевски, ќе има тежок предизвик, но ќе посакава да направи добар резултат, можеби и подобар од претходното Европско првенство.

Дефанзивецот Томаш Гебала и левото крило Пжемислав Крајевски нема да настапот на ЕП. Двајцата ракометари најавија крај на репрезентативната кариера по СП 2023 година. Иако двајцата ракометари играа голема улога, сепак, тука сѐ Камил Шипжак, Симон Сичко, Мачеј Гебала, Михал Дашек, голманите Матеуш Корнецки и Адам Моравски…

Селектор: Марцин Лијевски
Клучни играчи: Симон Сичко (лев бек), Камил Шипжак (пикер), Матеуш Корнецки (голман)

Распоред на натпревари:
11 јануари, 20:30, Норвешка – Полска

13 јануари, 18:00, Полска – Словенија
15 јануари, 18:00 Полска, – Фарски Острови