Голманката на актуелниот шампион Ѓорче Петров, Матеа Чурлиновска, го доби признанието за најкорисен играч, односно ѕвезда на 13. коло во Женската лига.
За младата голманка ова е прво признание во новата натпреварувачка сезона, во која нејзиниот тим есенскиот дел го заврши со максимален ефект, односно 13 победи.
Токму Чурлиновска беше меѓу најзаслужните за освоениот триумф на „лавиците“ во дерби дуелот против Вардар од последното коло за првиот дел од сезоната.
Прилепчанката на анкетата го освои првото место, доби околу 43% од гласовите на читателите на 24Ракомет, додека второпласираната Мила Мемов од Спартак заврши со 42%, откако имаше „борба“ до последните минути од гласањето.
Во конкуренција за ѕвезда на 13. коло беше и ракометарката од Металург Автокоманда, Теодора Гулицоска.