Актуелниот бранител на титулата, тимот на Ѓорче Петров, првиот дел од сезоната го заврши со максимални 13 победи.
Ѓорчепетровки во последното есенско коло пред својата публика триумфираа над незгодниот Вардар со 31:27.
Некогашниот шампион на Македонија на моменти парираше, водеше, но во финишот не можеше да го запре налетот на домаќинките.
Одлична партија во таборот на „лавиците“ имаше Ана Марија Коларовска, која во мрежата на „црвено-црниот“ тим постигна седум погодоци.
,,Првиот дел од сезоната го завршивме со 13 од 13, максимални бодови, презадоволни сме од победата и од остварениот успех. Од ривалот не бевме изненадени во ниту еден дел, ние не ја одработивме нашата задача на ниво, имавме премногу технички грешки и пропусти во одбраната, кои на моменти противникот ги искористи и ни се доближи. Нема за што да жалиме, победа си е победа, останува сега да се подготвиме за натпреварите во Европа и понатаму да играме со исто темпо”, изјави Коларовска.
За Ѓорче Петров претстои мала пауза, бидејќи во јануари го очекуваат два европски натпревари.
Избраничките на Симе Симовски во осминафиналето од Европскиот Куп ќе играат против Хазена Кинжварт од Чешка.
„Лавиците“ од Ѓорче Петров ја завршија сезоната со максимални 13 победи