Екс голманот на Прилеп и Охрид, Зураб Цинцадзе, заедно со репрезентацијата на Грузија ќе учествува на Европското првенство 2024, кое ќе се одржува во Германија.
Грузија ќе биде еден од дебитантите на континенталниот собир и ќе се обиде во дебитанскиот настап да покаже квалитет, но евентуално и да изненади.
Цинцадзе во разговор за Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги истакна своите очекувања за ЕП.
,,Нашата репрезентација е млада и дури сега почнува да се развива. Оваа генерација која ја имаме ветува многу и ќе продолжиме да напредуваме. Сега сме фокусирани на нашиот настап на Европското првенство и се надевам дека ќе бидеме во добра форма. Нашата главна цел ќе биде да покажеме дека сме достојно за едно вакво натпреварување”, изјави Цинзадзе.
27-годишниот голман ја коментираше групата во која се наоѓа неговата репрезентација.
,,Шведска е актуелен европски шампион и тоа доволно говори. Холандија е дефинитивно многу силна репрезентација со неколку ѕвезди, босанската репрезентација покажа квалитет во квалификациите. Имаме силна група, но нема да се предадеме, ќе се бориме до крај”, заврши Цинзадзе.
Прв ривал на Грузија на Европското првенство ќе биде Холандија, потоа ќе следуваат дуелите со Шведска и БиХ.