Македонскиот првак Еурофарм Пелистер загуби во драматична завршница од ПИК Сегед со 28-27.
Тренерот Бранко Ангеловски вели дека самодовербата кај играчите треба да биде поголема и дека овој меч е доказ дека може да играат со секој ривал.
„Ни фалеше среќа, мислам дека и самодовербата ни е проблем. Треба да знаеме дека можеме да играме со секој, а ќе одлучат деталите. Денеска немавме спортска среќа на крај. Бевме спремни дека ќе играат седум на шест, примивме еден гол кој знаевме како ќе го изработат, но ме загрижува тоа што имаше уште осум секунди, а не организиравме напад. Тоа е некоја болка…“
Тој вели дека со секој одработен ден, тимот е чекор поблиску до првиот триумф и жали за пропуштената шанса.
„Би сакал најмногу да ја израдуваме публиката во Битола. Жал ми е за проуштената шанса вечерва. Јас ве уверувам дека секој ден сме поблиску до првиот триумф. Им благодарам на френетичните навивачи. Имавме денеска еден пех, бевме во финишот без Василев, бевме без ротација. Работевме заедно со управата да го донесеме Кузмановски во Битола, сега на бековските позиции имаме повеќе играчи, ќе имаме подобра контра, полуконтра и сметам дека добро се вклопува во брзата транзиција. Можеби е навикнат на друг стил на игра, но мојата филозофија е да имаме брза топка, да имаме акции еден на еден“, заврши Ангеловски.
Следен предизвик за битолчани ќе биде гостувањето кај Келце, додека последниот натпревар за оваа година, се игра против Загреб во „Боро Чурлевски“.